И АЕК како Владата потфрлила кај капиталните инвестиции со многу неискористени пари
Агенцијата за електронски комуникации планирала 10 милиони евра како расходи во 2018-та, но потрошила само 284 милиони денари. Тоа е само 47,25 отсто од планираното, а реализацијата била 34,6 отсто помалку во однос на претходната година. За разлика од претходните години кога АЕК имаше избалансирани приходи и расходи, минатата потфрлила на полето на инвестирање и остануваат голем вишок на средства неискористени.
Приходот на крајот бил 475 милиони денари, но сепак многу поголем во однос на она што е потрошено, на чија страна главно се тековни трошоци и одржување. Се трошело за сметки, поправки, комунални услуги, материјали, реклама, патувања, семинари, чланарини. Вишокот нја средства што останал на 31 декември 2018-та бил 5 милиони евра и е најголем во последните седум години, со таа разлика што во 2012 агенцијата имаше убедливо најголем буџет досега.
Од капиталните инвестиции најмногу е потрошено за контролната кула, односно за антенскиот столб ан Водно со износ од нешто повеќе од 500.000 евра., додека за опрема се потрошени 15 милиони денари. За платите на вработените се потрошиле 132 милиони денари, што е и најголем трошок воопшто.
Најмногу било потфрлено во реализацијата на капитаните средства, каде што наместо панираните 245 милиони денари, биле потрошени само 33 милиони. И кај опремата е слично, па таму наместо предвидените 72,3 милиони, се потрошиле 17,6 милиони. Но, затоа трошоците за плати останале безмалку исти како што било проектирано.
Планираните приходи, кои главно се обезбедуваат преку плаќањето сметки, се прецизно спроведени и плус се обезбедени два милиони евра дополнително надвор од рамките на она што било редовно прибирање на средства за буџетот.
Со најмногу пари АЕК располагал во 2012, кога можел да потроши 1,44 милијарда денари, но расходите биле 533 милиони денари.
А.К.
