Хуманитарците на терен: Нова година помината со мигрантите!
За хуманитарците на јужната граница најлудата и највеселата ноќ помина работно.На минусни температури ја дочекаа на терен, заедно со мигрантите. Велат дека и оваа вечер биле заедно со бегалците кои судбината ги донела пред македонскиот праг.
Никола Јаневски од Црвениот крст новогодишната ноќ ја поминал со своите колеги во Гевгелија, во мигрантскиот камп. Тој околу десет години е волонтер во оваа хуманитарна организација, од која вели научил како да биде хуман човек и хуманоста да ја покаже на дело. Нивните екипи вели подготвено ја дочекале новата група на мигранти со хуманитарни пакети за семејствата.
“Ние бевме подготвени за Новата година и ова е вистинско уживање за мене бидејќи можам да помогнам. Нема посебна новогодишна атмосфера бидејќи секој сака да се скрие на топло. Во ноќната екипа која дежураше од девет часот минатата ноќ до девет часот утринава имавме медицинска екипа и екипа за дистрибуција. Подготвени беа 500 пакети за околу 2500 мигранти. Голем дел од мигрантите сакаат веднаш да заминат и да транзитираат низ земјава, но има и бегалци кои сакаат да се одморат. За најмалите има посебен камп на УНИЦЕФ кој околу две недели работи во новогодишна атмосфера. Таму децата преку работилници цртаат, се забавуваат и се радуваат на моментите поминати на суво и топло”-вели Никола.
Покрај активистите на Црвениот крст , активни на терен се и хуманитарците од невладината Легис. Две групи ноќта биле распоредени на јужната и северната граница. Јасмин Реџепи ноќта ја поминал со бегалците. Вели за него е многу важно празничното расположение да го сподели со овие намачени луѓе кои заминале од своите родни огништа. Повеќето од нив не знаат многу за празнувањето на Новата година на начин на кој тоа се прави во регионов, но за децата вистинска радост се пакетчињата полни со играчки и храна.
“Подготвивме пакетчиња за најмалите. Поради ниските тепмератури обезбедивме повеќе топла облека и обувки. Предност имаат мајките и малите дечиња. Жално екога ќе погледнете некои од нив кои брзаат да го фатат возот па забораваат да ги облечат децата со чевлички. Секоја ноќ е посебна приказна. Навистина сум среќен што ја видов радоста во нивните очи. За нас празник е кога ќе помогнеме на што поголем број на луѓе. Возовите и оваа вечер беа полни. Нашите активисти делеа помош и на Табановце”-вели Реџепи.
Додека илјадници мигранти секојдневно минуваат легално на јужната граница, на македонските патишта можат да се забележат економски мигранти кои ја користат секоја можност да стигат во некоја од западноевропските дестинации. Поради тоа тие секојдневно се изложени на криумчарења и напади од банди и крадци. Од невладините организации велат дека подготвуваат хуманитарна помоши и за нив бидејќи во хуманоста нема поделба на луѓето кои се нашле во неволја.
“Има помали групи кои на разни начини успеале да влезат во земјава. Тие се изложени на опасност бидејќи се движат пеш и по друмски патишта, но ние се трудиме колку можеме да им помогнеме со хуманитарни пакети и облека. Останатото е политика за која треба да се грижат надлежните. Хуманитарците неможат да ги делат мигрантите. Ние помогаме на секој кој е во неволја, а овие таканаречени економски мигранти се лесна мета за манипулација и грабежи. СЕ враќаме на проблемот кој го имавме пред неколку месеци пред да се донесе законот. Овие луѓе повторно се вратија на македонските патишта и по пругите” -додава Реџепи.
За хуманитарците 2015 ќе биде запаметена како година на најголемата бегалска криза која е забележана во Европа од втората светска војна, година во која сите волонтери несебично посветија голем дел од своето време за да им помагнат на бегалците преку стотици непроспиени ноќи, илјадници часови во потрага по донации и решенија на проблемите за престој, транспорт, храна. Херои на нашето време!
Слично
