ХСХ групацијата лани остварила приход од 702.000 евра, киријата за „Македонско Село“ е 3.500 евра месечно
ХСХ Груп ДООЕЛ Скопје, концесионерот на „Македонско Село“, и фирмата-ќерка ХСХ ЛА ТЕРРАЗЗА ДОО Скопје во 2025 година заедно оствариле приходи од околу 702.000 евра (43.200.758 денари), покажуваат податоците од Централниот регистар до кои дојде редакцијата на Фактор.
Од тие средства, ХСХ Груп ДООЕЛ Скопје прикажал приходи од околу 679.700 евра (41.800.169 денари) и добивка од околу 123.700 евра (7.606.150 денари), додека ХСХ ЛА ТЕРРАЗЗА ДОО Скопјем основана во текот на 2025, прикажала приходи од околу 22.800 евра (1.400.589 денари) и добивка од околу 6.000 евра (366.362 денари).
Вкупната добивка на двете фирми изнесува околу 129.600 евра (7.972.512 денари). Овие податоци се однесуваат на целата групација и опфаќаат повеќе бизниси, а не само „Македонско Село“. Во рамки на групацијата, покрај комплексот на Водно, работи и Хотелот „Ла Тераца“ во Дојран. Во исто време, месечната кирија за „Македонско Село“ изнесува 3.500 евра.

Тоа значи дека годишниот износ за закуп на комплексот е околу 42.000 евра. Податоците покажуваат и раст кај ХСХ Груп. Приходите се повисоки за 149 проценти, расходите за 121 процент, а добивката за 404 проценти. Компанијата во 2025 година имала 26 вработени.
Според податоците од Централниот регистар, како сопственик на ХСХ Груп е заведена Оливера Милковска, додека како претходен сопственик се води Саша Ќипровски. Последната промена во сопственичката структура е евидентирана на 15 јануари 2026 година.
Комплексот „Македонско село“ официјално повторно беше отворен во јули 2025, по пауза од седум години неработење. Претходниот концесионер се откажа поради наводна нерентабилност.
Филип Костов
