ХСБЦ призна тајни бизниси: Им помагале на клиенти да скријат милиони
Тајните документи се однесуваат на приватната швајцарска гранка на банкарскиот џин ХСБЦ и упатуваат на сметки на кои биле „скриени“ над 100 милијарди долари.
На листата клиенти направена врз основа на тајните податоци на швајцарската ХСБЦ банка има најмногу Швајцарци, па следат Французи, Британци, Италијанци Израелци и Американци.
Македонија според бројот на клиенти е 157 на листата, а пред неа се Србија на 106-тото место, Хрватска на 107-то, Црна Гора на 132-то и Словенија на 146-то, а зад неа се БиХ која е 164-та, и Албанија на 194-тото место.
Документите ги открил Меѓународниот конзорциуим за истражувачко новинарство, преку францускиот весник Монд, а од нив јасно се гледало дека клиентите на таа банка се поврзани со низа нелегални активности.
Податоците покажале дека швајцарската банка им овозможувала на клиентите да повлекуваат големи суми готовина, најчесто во странски валути кои не се користат многу во Швајцарија.
Истовремено швајцарската ХСБЦ разработила шеми кои им овозможиле на богатите клиенти да избегнуваат оданочување во Европа.
Била откриена и „хартиена трага“ на сметки на трговци со дијаманти за кои сигурно се знае дека работат во конфликтните зони и продаваат скапоцени камења од тие области, на тој начин финансирајќи ги воените конфликти.
ХСБЦ има седиште во Лондон и претставница во 74 држави на шест континенти. Банката, откако податоците „истекле“ во јавноста, инсистирала новинарите да ги – уништат.
Експертите тврдат дека во ваквите „даночни оази“ се кријат 7,6 трилиони долари, што државите ги чини околу 200 милијарди долари годишно!
