ХРВАТСКИОТ ПРЕМИЕР КАЗНЕТ СО 400 ЕВРА КАЗНА ЗАРАДИ НЕПРИЈАВЕН ИМОТ, го прекршил Законот за спречување судир на интереси
Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ денеска е казнет со парична казна во износ од 3.000 куни (400 евра) поради несовпаѓање на имотната книшка.
- Комисијата за одлучување за судир на интереси донесе решение дека Пленковиќ го прекршил Законот за спречување судир на интереси, бидејќи во имотната книшка не го навел имотот кај Дубровник, кој како косопственик го наследила неговата сопруга - пишува „Данас.рс“.
Како што објаснуваат медиумите, постапката против хравтскиот премиер е започната во октомври. Комисијата не го прифати претходното образложение на премиерот со кое тој се обиде да ја оправда неусогласеноста на податоците наведени во имотната книшка и податоците од Даночната управа.
Пленковиќ претходно изјави дека неговата сопруга не знаела дека третина од имотот наследила од нејзиниот покоен татко, бидејќи била малолетна кога бил поделен имотот, ниту била свесна за наследството, ниту му кажала. За неусогласеноста во висината на надоместоците за време на породилното отсуство, премиерот рече дека неговата сопруга не сметала дека покрај платата треба да пријави и помали надоместоци.
Владата на Хрватска денеска соопшти дека станува збор за ненамерен пропуст, кој во меѓувреме е отстранет и дека премиерот ќе ја почитува одлуката.
