Хрватски полицајци стигнаа во Белград да видат до каде е потрагата по Матеј Периш
Хрватската полиција пристигна во Белград, за да се информира за работата на српската полиција и за понатамошниот тек на истрагата за исчезнувањето на хрватскиот државјанин, 27 годишниот Матеј Периш.
Се сретнале со српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин и началникот на полициската управа за градот Белград и помошник директор на полицијата Веселин Милиќ. На состанокот присуствувал и таткото на исчезнатото момче, Ненад Периш. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ претходно го најави пристигнувањето на хрватската делегација. Според него, цело време се работи на два колосека.
„Она што е клучно е семејството, но и целата јавност во Хрватска, да добијат детални информации и слика за исчезнатото момче“, кажа Пленковиќ.
Вели дека сè уште недостигаат информации за тоа што му се случило на Периш.
Со денови се трага по ова момче од Сплит. Термовизиските камери на „Мрежата за опасност на Србија“ се користат во потрагата по Матеј Периш, кој исчезна ноќта меѓу 30 и 31 декември лани кога излегол од клубот „Готик“ каде бил со своите пријатели.
