Хрватски „Кумал“ ќе гради погон во Штип, најави за стотина нови вработувања
Познатата хрватската компанија за производство на термоизолациски материјали „Кумал“ ќе гради погон во индустриската зона во Штип. Преку Македонија, оваа компанија потоа ќе се о0биде повторно да ги освои пазарите во регионот.
Инвестицијата е тешка седум милиони евра, а според планот во погонот ќе се вработат 50 лица, но ќе има и 100-тина индиректни вработувања. На површина од 25 илјади метри квадратни ќе се гради погонот, а градежните работи почнуваат на пролет и да завршат на есен, најавија од компанијата.
„За донесување на една ваква одлука пресудни беа повеќе фактори како што се близината со Бугарија, Косово и Србија кои за нас се интересни за извоз, како и добрите услови што ни беа понудени како работната сила и даноците кои се регулирани на начин што на нас ни одговара. Затоа се одлучивме за оваа инвестиција која е во висина од седум милиони евра“, изјави Александра Лалиќ, директор на „Кумал“.
На средбата со премиерот Никола Груевски, таа се заблагодари на поволните услови за инвестирање. Во моментот хрватската компанија се работи на проектната документација за погонот во Штип.
За Виктор Мизо, директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриските развојни зони важно е тоа што два месеца по официјалното отворање на ТИРЗ во Штип веќе има интерес за инвестиции.
„ Со завршување на проектот се очекува во првата половина на мај да се започне со градба и шест месеци оттогаш, односно ова време идната година производствениот капацитет да биде завршен“, истакна Мизо.
Интерес за инвестирање на „Кумал“ во земјава бил покажан пред три години, за договорот да се направи неколку месеци од отворање на индустриската зона во Штип, информираат надлежните.
Слично
