Хрватска зависи од увезената работна сила - на кои земји се потпира?
Хрватскиот пазар на трудот сè повеќе се потпира на странски работници, а најновите податоци од Министерството за внатрешни работи потврдуваат дека овој тренд сè уште силно расте.
Министерот за внатрешни работи Давор Божиновиќ изјави дека во текот на 2025 година се издадени вкупно 170.000 работни дозволи за странски државјани, што уште еднаш ја потврди големата потреба на домашната економија за увезена работна сила.
Според него, најмногу дозволи се издадени на граѓани на Босна и Херцеговина(БиХ), околу 30.000, додека Непал и Србија се веднаш зад нив, со приближно 25.000 работници. На четврто место по бројот на вработени странци се работниците од Филипините.
Божиновиќ потсети дека во периодот од 2022 до 2023 година имало ненадејно зголемување на побарувачката за странска работна сила, кога се појавиле јавни проценки дека на Хрватска ќе ѝ бидат потребни дури половина милион странски работници. Како што изјави, ваквите проценки се покажале како претерани.
„Тогаш рековме, а денес го докажавме тоа, дека не станува збор за такви бројки, туку дека клучот е во воведувањето ред во системот. Измените на законот на кои инсистиравме стапија на сила во март минатата година, а новите измени треба да бидат пред Владата до крајот на овој месец“, рече Божиновиќ во изјава за Индекс.
Една од клучните промени се однесува на времетраењето на работните дозволи, кои сега можат да се издаваат за период до три години.
foto freepik.com
