Хрватска: Србија да се откаже од реториката на Милошевиќ, инаку ја блокираме
Хрватскиот министер за надворешни работи Миро Ковач рече дека Белград треба да се откаже од реториката на Слободан Милошевиќ и да се држи по европски, бидејќи во спротивно Хрватска ќе го блокира затворањето на глави 23 и 24 во преговорите за пристапување на Србија кон ЕУ.
Првиот дипломат на Хрватска реагира на изјавата на српскиот колега Ивица Дачиќ дека Загреб рехабилитира криминалци од Втората светска војна.
Дачиќ го изјавил тоа во емисијата „Точка на неделата“.
Ковач истакна дека Загреб испратил јасна порака на Белград да престане со реториката во стилот на 90-тите години и агресија на Милошевиќ.
„Нема да дозволиме никому, особено на наследници на агресор, да ни држат таков јазик“, рече Ковач. „Почнете да работите за европеизација на општеството. Фатете се за работа!“, повика хрватскиот министер за надворешни работи.
