Хрватска се повлекува од арбитражата за пограничниот спор со Словенија
Хрватската Влада донесе одлука за започнување на постапка за поништување на договорот за арбитража со Словенија, потпишан во Стокхолм во 2009 година, поради неговото нарушување од страна на Љубљана, пренесоа „Hrvatskoto radio i televizija „HRT“.
Министерката за надворешни работи на Хрватска, Весна Пусиќ изјавила дека Министерството ќе ја информира Словенија дека поради кршењето на договорот се создале услови за негово укинување, според меѓународното право.
Во нотата која хрватското МНР ќе ја упати кон Словенија, ќе се наведува дека договорот се укинува од датумот на испраќање на дипломатската нота.
Потсетуваме дека Хрватска и Словенија потпишаа договор во 2009 година, со кој се согласија арбитражен суд да одлучува за граничниот спор меѓу двете земји.
Загреб и Љубљана расправаат за копнени и поморски граници во реонот на Пиранскиот залив во Јадранското Море, каде Словенија сака директен пристап до меѓународните води. Поради спорот Љубљана го блокира членството на Хрватска во ЕУ во 2008 година. Со потпишување на договорот и беше дадена можност на Хрватска да се приклучи кон ЕУ.
