Хрватска пофалена за одлуката за задолжителна вакцинација
Американски медиуми ја фалат одлуката на хрватскиот Уставен суд кој ја отфрли иницијативата за неуставност на задолжителната вакцинација. „Со одлуката дека сите деца мора да бидат вакцинирани, Хрватска постави глобален интелигентен стандард во јавното здравство, втемелен на докази“, пишува американскиот новинар Кент Сепковиц.
Тој оценува дека со ваква одлука Хрватска отишла чекор понапред од САД и многу други европски земји во областа на јавното здравство. „Да, Хрватска, домот на Јосип Броз Тито и дел од Титова Југославија до 1991 година, земјата која зазема 84 место во светот со БДП од 78 милијарди долари и број на население од 4,5 милиони жители, земјата која неодамна и се приклучи на Европската унија, токму таа Хрватска стана глобален пример за поставување на ителигенен систем на јавно здравство“, пишува Сепковиц.
Тој додава дека хрваскиот пример треба да го следат сите земји кои бараат аргументи за фактот дека „вакцината штеди пари, но и животи“.
Хрватскиот Уставен суд ја отфрли иницијативата на родители и невладини организации кои бараа да се прогласи за неуставна задолжителната вакцинација, токму презентирајќи го примерот на САД и други европски земји. Судиите оценија дека „правото на детето на здрав живот е посилно од правото на родителот да избира дали ќе го вакцинира своето дете“.
Слична иницијатива е поднесена и пред македонскиот Уставен суд, каде што родители бараат укинување на задолжителната вакцинација и можност да изберат дали ќе го вакцинираат своето дете. Родителите се сомневаат дека здравствените власти неодамна намерно прогласиле епидемија на морбили за да се убедат граѓаните оти вакцинацијата е неопходна.
Слично
