Хрватска и Романија ќе издаваат долгорочни визи за нашите камионџии
За 13.000 возачи на камиони и автобуси, кои транзитираат низ земјите од Eвропската Унија(ЕУ), нашата земја постигна договор да им се издаваат долгорочни визи од Хрватска и за Романија, соопшти првиот вицепремиер Беким Сали на средбата со претставниците на Стопанската комора.
Транспортните компании на стоки и патници кон земјите од ЕУ од 10 април се соочија со нови процедури за влез и излез во Шенген зоната. Системот за електронска евиденција на граничните премини EES почна да предизвикува доцнења за возачите од шесте земји од Западен Балкан, бидејќи смеат да возат не повеќе од 90 дена во рамки на 180 дена.
„Поради тоа што баравме решение како да се направи конкретен чекор во интерес на превозниците, но и на граѓаните кои патуваат во ЕУ и стоките што ги транзитираме таму, блиските држави како Хрватска и Романија се согласија на овие кандидати, баратели на долгорочни визи, да им се издава долгорочна виза за престој во нивните земји, но секако со пристап и при влез во поблиските земји и во ЕУ.“, порача Беким Сали.
По протестите јануари, возачите на камиони и автобуси беа признаени како посебна професија од страна на ЕУ.
