Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Хрватска воведува значајни промени во системот за вработување на странски работници со цел воспоставување подобра контрола, намалување на нелојалната конкуренција и сузбивање на нелегалните практики, објави ХРТ.
Измените на Законот за странци воведуваат построги здравствени услови и го поттикнуваат учењето на хрватскиот јазик, а статистиката покажува дека оваа година, и покрај помалиот број издадени работни дозволи, бројот на осигурени лица е зголемен, што укажува на подобро планирање на работодавачите.
Според предлогот, граѓанин на трета земја ќе мора со барањето за прва дозвола за привремен престој да приложи потврда за здравствена состојба и статус на вакцинација, кои не смеат да бидат постари од 90 дена.
Исто така, секој кој сака да работи во Хрватска ќе треба добро да го говори хрватскиот јазик, што се смета за основа за интеграција на странските работници.
„Ние го олеснивме учењето јазици, кофинансирано од Европскиот социјален фонд, но одѕивот беше слаб. Не постои ниво на свест што е потребно за да се убедат работниците да го научат јазикот“, вели државниот секретар на Министерството за труд и пензиски систем Иван Видиш и додава дека граѓаните со право очекуваат лицето да покаже барем почетен интерес за јазикот.
Хрватска издаде над 11.000 дозволи за работници од Македонија.
foto Wikipedia/VitVit
