Хрватите нема да можат да работат во Швајцарија?
Хрватските државјани први ќе ги почувствуваат последиците од швајцарскиот референдум за ограничување на вработувањето на странски државјани. Хрватите веќе нема да имаат слободен пристап до пазарот на труд во Швајцарија, откако оваа земја одби со Загреб да потпише спогодба што ја регулира оваа област, соопшти швајцарското Министерство за правда.
Двете земји ја договориле спогодбата минатото лето, откако Хрватска стана членка на ЕУ, но сега Швајцарија вели дека договорот не може да се потпише во истиот облик, откако на референдум швајцарските граѓани се изјаснија за практично поништување на договорот за слободно движење меѓу Швајцарија и ЕУ.
Министерката за правда на Швајцарија Симонета Сомаруга ја повика хрватската министерка за надворешни работи да ја извести лично оти нема да биде во можност да го потпише договорот во овој облик, но и да ја увери дека се бара решение за хрватските државјани да не бидат дискриминирани.
Не референдумот на 9-ти февруари тесно мнозинство на швајцарските граѓани одлучи да ја поништи спогодбата со која на жителите на земјите-членки на ЕУ им се овозможуваше еднаков пристап до пазарот на трудот во Швајцарија како и на швајцарските државјани. Причина за ваквата одлука беше обидот за справување со зголемената имиграција од ЕУ.
Швајцарија не е членка на Унијата, но има усвоено големи делови од политиката на блокот. Иако економијата на оваа земја е силна, а стапката на невработеност е ниска, Швајцарците сепак се загрижени за можните последици од имиграцијата и можноста нивните работни места да ги преземат доселеници.
Слично
