ХРВАТИТЕ ГО ВКЛУЧИЈА АЛАРМОТ: Странци или блокада на цела сезона
Иако туристичката сезона веќе почна, хрватските хотели уште не ги пронашле сите 30 000 сезонци кои им се потребни за работа во оваа година.
Ако се задржат околностите кои владеат на пазарот на труд, законската регулација и систем на образование, состојбата во 2017 година ќе биде алармантна, предупредуваат хотелиерите.
Тие бараат воведување на така наречен словенечки модел на увоз на работна сила од земјите нечленки на ЕУ според моменталните потреби, а не квотите да се утврдуваат еднаш годишно.
Министерството за туризам, во соработка со Министерството за труд и пензиски систем, Хрватскиот завод за вработување и Хрватската туристичка заедница, покренуваат медиумска кампања за популаризација на занимањата во туризмот, како би привлекле сезонски работници и би го ублажиле недостатокот на работници кој ескалирал оваа година, дел и поради иселувањето од Хрватска.
Покрената е брза програма за оспособување за помошни занимања во туризмот во кој ќе се вклучат 1100 лица, а првите квалификувани за тие работи за пазарот на труд ќе бидат спремни веќе во јули.
Хрватите разгледуваат и долгорочни мерки, од преквалификации до измени на регулативата во оданочување на трошкови за сместување на сезонски работници.
„Од 235 000 невработени во Заводот, само 10 одсто од нив ги прифатиле сезонските работи оваа пролет, а истовремено третина од нив примаат надомест за невработени. Пазарот на труд е нефлексибилен, паѓа интересот за школување за занимања во туризмот“, рекол Ивица Саблиќ, претседател на УПУХХ.
