Хрватите без виза ќе патуваат во САД
Американската амбасада во Хрватска денес официјално го потврди безвизниот режим за Хрватите. Откако ја исполнија последната одредба утврдена од САД во 2020 година, Хрватите ќе можат да патуваат во САД без виза подоцна оваа година, објави total-croatia-news.
Веста за безвизно патување е објавена денеска во 16.49 часот. Ова е првпат официјална потврда за Хрватите да доаѓа од американските власти.
Главниот предуслов поставен од САД за укинување на визниот режим за Хрватите за посета на Америка беше падот на бројот на одбиени апликации за виза на под 3 отсто. Хрватска го постигна резултатот уште во септември 2020 година.
„Официјално е! Конечната стапка на одбивање за хрватските апликанти за туристички / деловни визи минатата година падна на 2,69 отсто, важен чекор напред кон пристапувањето до програмата за укинување на визите во САД. Со нетрпение очекуваме Хрватите да патуваат во САД без визи во блиска иднина“, напиша Викторија Ј. Тејлор, заменик-американски амбасадор во Република Хрватска.
Таа се заблагодарува на Министерството за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Министерството за внатрешни работи на Република Хрватска и хрватската влада за нивната помош.
