Економија, финансии, бизнис

Контакт

Христовото воскресение e водилка и поткрепа на секој верник-Велигденски честитки од партиските лидери

Христовото воскресение e водилка и поткрепа на секој верник-Велигденски честитки од партиските лидери

По повод Велигденските празници, партиските лидери и функционери упатија честитки.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски упати молитви до милостивиот Бог со желба да не чува и да биде со Македонија.

„Да се помолиме на нашиот милостив Бог и да му се заблагодариме на неговата закрила кон нас луѓето. Исус го презеде гревот човечки и за навек го задолжи човештвото да размислува и да го разликува доброто од злото, го задолжи секој поединец да размислува со љубов, да сака со срце, да прави добри дела и да се покае за грешките. Да се заблагодариме на Бога за неговата милост и со радост да ја примиме веста за воскресението Христово. Да се помолиме на Бог и да си посакаме и во иднина да биде блиску до нас, до нашиот народ, до нашата татковина. Нашиот народ низ годините има поминато многу тешкотии и искушенија, успеал да преброди многу грешни човекови дејанија. Нашиот Бог и вера биле отсекогаш со нас да нè поткрепат и утешат кога било потребно. Токму затоа, да бидеме благодарни, да се радуваме на Велигден и да си посакаме божја поткрепа и во иднина. Нека Бог нè чува и биде со Македонија, да си го зачуваме она што е наше и она што нам ни припаѓа. Нека Бог ни помогне во сите искушенија, нека го зацврсти единството помеѓу народот, нека ја умножи љубовта и нека го одврати секој оној кој крева рака врз другиот. Нека нè избави од насилство и неред, нека нè потхрани со мир и спокој. Да си се почитуваме себеси, за да нè почитуваат и другите. Како што сме единствени во верата, така да сме единствени и во државата. Да се натпреваруваме кој може повеќе и кој може подобро за државата и за народот. Да си ја сакаме Македонија со целото срце, со секоја мисла и во секоја наша одлука. Нека Бог ни даде мудрост и сила да ги зацврстиме и унапредиме заедничките вредности на кои се родила, израснала и во иднина ќе се издига македонската држава. Нека ни е честит и за многу години големиот празник !“, напиша Груевски во честитката.

Опозицикиот лидер Зоран Заев пак празникот над празниците, посака нека донесе во сите домови и семејства здравје, среќа, радост, благосостојба и хармонија, и да ни ја прочисти љубовта кон Севишниот.

„Во миговите на искушенија, предизвици, премрежја и заедничко доживување на нашата „општествена Голгота“, време е да им се поклониме на нашите традиционални духовни вредности, кои се највредното наследство добиено од нашите предци. Време е да ги разбудиме верата, надежта и љубовта и да ги отвориме портите на нашите срца и души за богољубие и човекољубие.

Христовото Воскресение, најголемото чудо од сите чудеса на овој свет, нека ни ги осветли патиштата што од нашите домашни прагови водат до божјите храмови, за да ја чуеме радосната вест од Христовите служители. Таа вест повторно ќе не потсети, која е смислата на нашата вера и постоење.

Да си посакаме сите, Христовото Воскресение да ни ги воскресне насмевките, да ни ја воскресне надежта во поубаво утре и да ни го воскресне нашиот заеднички слободарски дом, домот на вредните и праведните.“, порача Заев.

Честитки по повод Велигденските празници стигнаа и од премиерот на Владата задолжен за организирање на изборите Емил Димитрив и од претседателот на Собранието Трајко Вељаноски.

„На сите верници на Евангелско - Методистичката црква од Македонија и светот, Ви посакувам овие свети денови да ги поминете во духовен мир, со многу здравје, радост, среќа и бериќет во секој дом“, рече Вељаноски.

„Во овие убави велигденски денови нека надежта, почитта и љубовта кон нашиот спасител ја исполнат нашата душа и нека ги насочат нашите мисли кон препознавање на великодушниот подвиг и вистинските вредности во животот. Да празнуваме во мир и да се радуваме на големиот празник. Да бидеме чисти пред себе и пред нашиот Бог. Нека Бог е со нас, со нашиот народ и со нашата држава. Да ни дарува мудрост, но и единство, солидарност кое ни е потребно во овие мигови. Да се вратиме на патеките на напредокот и да продолжиме да градиме и создаваме заеднички и силно за нашата заедничка татковина. Да љубиме и да се помагаме, да шириме добра мисла и да се почитуваме, да бидеме скромни и милостиви, да правиме добри и богоугодни дела и на тој начин вистински да се заблагодариме на нашиот спасител и неговата љубов кон нас.

Нека ни е честит и вековит Велигден!“, порача пак Димитриев.

Слично

Поврзани вести