Ховит за Фактор: Брисел да покаже дека не ги заборави Македонците!
На Македонија да и се додели статусот „функционална пазарна економија“, предлага известувачот за земјава во Европскиот парламент, британскиот европратеник Ричард Ховит. Според него, земјава заслужува ваков статус од Европската комисија за да се охрабрат странските инвестиции, но и за Брисел да покаже дека нема да ја заборави Македонија во предворјето на ЕУ.
Со оглед на тоа што се работи за статус што првпат би бил одобрен за една земја од Западниот Балкан, го запрашавме Ховит за каков статус станува збор и кои би биле придобивките од него.
Фактор: Предлагате Европската комисија да и додели статус „функционална пазарна економија“ на Македонија. Зошто?
Р.Ховит: Прво и најважно, оваа земја заслужува признание и сите одлуки во врска со проширувањето на ЕУ треба да се носат врз основа на овие заслуги. Иако земјата се уште се соочува со многу предизвици, вклучително и на економски план, нема сомнение дека е направен импресивен напредок за олеснување на бизнисот, а тоа е факт што го признаваи Светската банка. Кога видов дека Индексот на економски слободи ја рангира оваа земја повисоко отколку дури 13 постојни земји-членки на ЕУ, верувам дека постои исклучителен аргумент за да се донесе ваква одлука за статусот. Ако продолжат напорите на земјата за подобрување на квалитетот на судството и за справување со долготрајната невработеност, тоа може да помогне да ја убедиме Комисијата да прифати еден ваков предлог. Уште повеќе, сите знаат дека поддршката за ЕУ аспирациите на оваа земја од страна на Европскиот парламент и Европската комисија не добива адекватен одговор од Европскиот совет. Доделувањето на статусот „функционална пазарна економија“ е целосно и единствено во рацете на Европската комисија и токму оваа институција јас барам да донесе ваква одлука за да покаже дека се преземаат конкретни чекори за членството во ЕУ на Македонците.
Фактор: За каков статус станува збор и која ќе биде користа од него?
Р.Ховит: Тоа е формално признание од Брисел дека земјата прави економски напредок. Освен тоа што е неопходен чекор на патот кон членство во ЕУ, нема сомнение дека еден ваков потег веднаш ќе донесе корист преку зголемување на бизнис довербата и охрабрување на странските директни инвестиции да дојдат во оваа земја. Веројатно најголемата долгорочна придобивка од членството во ЕУ е зголемениот просперитет во земјите кои пристапуваат. Ако овој чекор го преземеме сега, се надевам дека ќе го зајакнеме локалното уверување дека ќе се остварат ЕУ амбициите и ќе ги мотивираме и властите и јавноста да ги поддржат натамошните реформи и политички решенија кои се подеднакво неопходни за да се придвижиме напред.
Фактор: Дали Македонија би била првата земја што ќе добие ваков статус?
Р.Ховит: Уште една причина заради која предлагам ваква мерка е токму затоа што Скопје ќе биде првиот главен град во земјите од Западен Балкан што ќе добие ваков статус. Еден од моите лични предизвици како известувач за земјава е да ја одржам видливоста, профилот и приоритетот кој и се дава на оваа земја во споредба со соодветните аспирации на соседните земји во регионот. Иако нашата цел мора секогаш да биде да обезбедиме соработка и напредок за сите, доделувањето на овој статус ќе испрати моќен сигнал дека Вашата земја не смее да биде заборавена.
Фактор: Додека го подготвувавте последниот извештај за Македонија, бевте во повеќедневна посета за да гиутврдите реалните состојби во земјата. Дали за време на оваа мисија утврдивте дека постојат одредени негативни ефекти врз македонската економија, предизвикани од блокадата на патот кон ЕУ?
Р.Ховит: Повеќепати годинава го споменувам аргументот дека како резултат на неостварениот напредок во пристапувањето кон ЕУ земјата не може да ги полувствува економските бенефити од многу реформи. Ова може да обезбеди нов моќен доказ и за Скопје и за соседните земји, кој ќе придонесе да се надмине актуелниот застој. Освен ова, не треба да се потцени важноста и на трговските врски кои постојат денес. Мора да продолжат практичните проекти, вклучително да се завршат транспортните коридори, кои ќе овозможат овие трговски врски и натаму да се прошират. Овие контакти меѓу бизнисите и граѓаните имаат поенцијал во иднина да ги решат недоразбирањата меѓу народите и да постават основа за политички договор на повисоко ниво.
Билјана Арсовска
Слично
