Ховит: Инвестициите во Македонија не смеат да трпат заради блокадата во ЕУ!
Европската комисија да и додели статус на „функционална пазарна економија“ на Македонија за да ги гарантира странските инвестиции во земјава, предлага известувачот во Европскиот парламент за земјава, британскиот европратеник Ричард Ховит.
Според него, во земјава постоеле економски слободи, какви што нема во половина од земјите-членки на ЕУ, но долготрајната блокада на патот кон Унијата, негативно се одразува на економските состојби.
Ховит вчера пред европратениците го претстави неговиот најнов извештај за напредокот на Македонија во кој се бара неодложно да започнат преговорите за членство, со што отвори жестока дебата во Европскиот парламент.
„Горд сум што претставив извештај во ЕП, кој бара без одложување почеток на преговори со Македонија. Исто така сум среќен што беше најден консензус за изборниот закон и што е воспоставен дијалог меѓу новинарите и владата, но и дека буџетот беше усвоен во нормална парламентарна процедура. Акцентот е ставен врз интеграцијата и образованието, меѓуетничките односи и селективното судство“, изјави британскиот европратеник.
Најжестоки во расправата за Македонија беа грчките и бугарските европарламентарци, кои ја обвинуваат земјата за непочитување на добрососедските односи. Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, од редовите на Народните партии, дури ја обвини Македонија за фалсификување на историјата.
Наспроти ова, дел од избраниците во Европскиот парламент побараа од Грција да покаже конструктивност и да го искористи периодот на претседавање со Унијата за позитивен исчекор во несогласувањата со Македонија.
Унгарскиот европратеник Лајош Бокрош побарал дури финансиската помош за Грција да биде условена со решавањето на проблемот со името и деблокирањето на процесот на евроинтеграцијата на Македонија, порачувајќи им на грчките европратеници и на грчкиот шеф на дипломатијата, дека „Грција нема од што да стравува од македонскиот народ, кој е мирен народ“.
Европратениците за извештајот треба да се изјаснат денеска. Заедно со текстот, се предложени седум амандмани од кои најголемиот дел се амандмани повразни со заштитата на природната средина, како загриженоста од изградбата на електрична централа на Бошков Мост. Најмногу од амандманите се предложени од Марије Корнелисен, од групата на Зелените.
Слично
