ХОТЕЛ, ХОСТЕЛ ИЛИ ПРИВАТНА СОБА: Која опција е најекономична за соло патниците?
Соло патник доколку се смести во двокреветна соба во хотел, ќе треба да доплати одреден процент повеќе. Во хостелите се наплаќа по кревет, додека приватни соби може да се најдат за поволни цени и зависно од периодот, газдите можат да бидат флексибилни.
„Цените може да се сметаат по соба или по патник, при што јасно е опишано, ако е сам патникот, ќе доплати 30 отсто плус. Генерално е така. Хотелите претежно имаат двокреветни соби. Има соло патници, не се многу, но ги има“, вели Крсте Блажески од ХОТАМ.
Странците се навикнати да патуваат сами и во светот соло патувањата доживуваат подем.
„Зависи од периодот и видот на собата, но сепак нема некоја огромна разлика во цената. Околу 20 евра повеќе ќе чини престојот ако соло патник се смести во двокреветна соба. Еднокреветна соба би била идеална за соло патници. Има Грци, Турци, Германци што доаѓаат сами“, објаснуваат од охридски хотел.
Соло патниците често престојуваат и во хостелите во Скопје и Охрид.
„По кревет се наплаќа, 10 евра е минималната цена надвор од сезоната. Како се доближува сезоната, цената расте. Во Охрид има многу можности, има и евтини приватни соби. Полно е со соло патници преку лето, доаѓаат од САД, Германија, Австралија, Франција, Полска. Хрватите и Србите ретко доаѓаат во хостел, тие бараат апартмани, така се научени. Генерално, луѓето од Балканот ретко одат во хостели“, додаваат од хостел во Охрид.
Во приватното сместување, луѓето кои издаваат соби и апартмани велат дека се флексибилни. Објаснуваат дека се случувало да примат соло патник, да го сместат во двокреветна соба, без да му наплатат поскапо, затоа што сакаат гостинот да си оди задоволен и во иднина пак да се врати или да ги препорача на други.
„Има фиксна цена за апартманот, независно дали ќе се сместат 3 или 4 лица. Кога бевме нови во оваа работа, кога почнавме да издаваме, се консултиравме со другите што издаваа. Ако дојде едно лице, и сака да се смести во апартманот, цената ќе зависи и од тоа колку денови останува, затоа што има разлика дали е за едно ноќевање или можеби гостинот сака да остане 10-15 дена. Сѐ зависи од околностите, дали е во екот на сезоната или надвор од сезоната, дали има или нема туристи. Ние сме на периферија во Охрид и сме примале и соло патници по поволни цени, затоа што сакаме да оставиме добар впечаток и другпат тој човек може да ни донесе и други гости“, додава охриѓанка.
Соло патувањата имаа значителен пораст во 2025 година, а според статистиките жените и младите најчесто патуваат сами.
Истражувањата укажуваат дека соло патниците со ограничен буџет одат во хостели, оние кои сакаат комфор бираат хотели, додека другите кои сакаат да готват, да останат подолго од една недела, се одлучуваат за апартмани.
Се предвидува дека глобалниот пазар на соло патувања ќе доживее огромен раст, при што прогнозите сугерираат дека ќе надмине 1 трилион долари до 2030 година и потенцијално ќе достигне над 2 трилиони долари до 2035 година. Се верува дека годишниот раст на соло турзмот ќе биде од 12 до 15 отсто.
Сања Атанасовска