Хонорарци: Со транспарент „Лебот ни го земавте“ бараат „Социјална правда“
Хонорарците кои се против новите Законски измени за плаќање на придонеси денеска како што најавија во во 14 часот излегоа на протест да го изразат незадоволството пред Собранието, од каде ќе продолжат кон Владата, за на крај да завршат пред капмусот на УКИМ, каде ќе изразат поддршка на студентите.
Уметници, професори, новинари, хонорарци и стотици граѓани се собраа во Жена паркот со транспаренти во раце „Нема да ви помине“, „Доста е“, „Си играте со човечки животи“, „Лебот ни го земавте“, „Лоши одлуки носат лоши луѓе“, „Социјална правда“.
Потписниците на Повелбата за солидарност за заштита на работничките права, граѓански здруженија, активисти и поединци ги отфрлаат најавите за измени на законите за придонеси за хонорарна работа и остануваат на барањата да се повлечат законските измени со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, Преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнатото вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што на работниците не им се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување и трето да се зголеми или укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите од плата кои сега изнесува 6 просечни плати.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ пред недела дена до Собранието поднесе предлог Закон за изменување и дополнување на Законот за придонеси кој што предлог Собранието го усвои во средата на вонредна седница по брза постапка и според последните законски измени, вработените нема да плаќаат придонеси доколку остваруваат месечни хонорарни приходи кои се помали од износот на просечната нето плата во земјата од 21.300 денари. Тие ќе плаќаат придонеси само на разликата која го надминува тој износ.
