Холмс: Македонија – пример за економски слободи, но не и за владеење на правото
Според овој индекс земјава вчера беше рангирана на 43 место во светот, а е прва на Балканот.
„Македонија значително се подобрува во изминатите години, особено во поглед на слободата на водење бизнис и на намалувањето на даноците. Ова е нешто што другите држави од Балканот би требало да го пресликаат“, изјави Холмс на презентацијата на Индексот во фондацијата Херитиџ.
За земјава се забележува подобрување во девет од 10 категории според кои се врши рангирањето: бизнис-слободи, трговски слободи, фискални слободи, јавна потрошувачка, монетарна слобода, инвестициска слобода, финансиска слобода, слобода на пазарот на труд, право и заштита на сопственост и корупција.
Истовремено, се нагласува дека банкарскиот сектор релативно добро се справил со глобалната финансиска криза, а била задржана и монетарната стабилност. Како слабост се наведува легислативата за заштита на сопственичките права и борбата со корупцијата, како и судството кое е оценето како подложно на политичко влијание и корупција.
„Потребно е да се зацврсти владеењето на правото, имотните права и борбата против корупцијата, кои се главните слабости. Тоа влијае и врз другите индекси – ако странците не се сигурни дека ќе успеат да ги изнесат парите, или ако мораат да плаќаат поткуп, потешко ќе дојдат“, изјави Холмс.