ХОЛАНДСКАТА ПОЛИЦИЈА ПУКАШЕ ВО ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ КОИ ЖЕСТОКО ПРОТЕСТИРААТ: „Зелените“ политики ќе го урнат стандардот на Европа, а Африка ќе гладува
Холандија е во хаос поради протестите на
земјоделците кои се бесни од плановите на владата, а полицијата употребила и
огнено оружје кон нив.
Како што соопшти полицијата, припадниците на силите на редот, реагирале на „заканувачка ситуација“ кога земјоделците сакале да ја поминат блокадата за да излезат на автопатот во провинцијата Фрисланд и во таа прилика почнале да удираат со трактори во полициски возила.
Уапсени се три лица. Внатрешен истражител на холандската влада рече дека ќе ги разгледа настаните со оглед на тоа што полицијата употребила огнено оружје.
Зошто холандските земјоделци протестираат
Холандските фармери протестираат против владините планови за намалување на емисиите на азотен оксид и амонијак произведени од добитокот (до 70 проценти во некои области) до 2030 година.
Како што е наведено, емисиите на азотен оксид и амонијак произведени од добиток (во урина и измет) мора да се намалат во близина на природните области кои се дел од мрежата на заштитени живеалишта за загрозени растенија и диви животни кои се протегаат низ 27 земји на Европската унија. Земјоделците се предупредуваат дека мора да се прилагодат или да се соочат со можно затворање на нивните фарми.
„Искрената порака е дека не сите земјоделци можат да ја продолжат својата работа, а оние што ќе ја продолжат веројатно ќе мора да се занимаваат со земјоделство на поинаков начин“, соопшти холандската влада овој месец.
На плановите и предупредувањата на владата земјоделците одговорија со протести, блокирајќи ги супермаркетите, патиштата и дистрибутивните центри. Тие велат дека се неправедно обвинети како загадувачи и дека другите индустрии, како што се воздухопловството и градежништвото, исто така придонесуваат за емисиите, но имаат помалку строги правила.
Велат и дека Владата не им дава јасна слика за нивната иднина поради предложените реформи. Холандските земјоделци тврдат дека другите земји на ЕУ не ја ограничуваат земјоделската индустрија толку строго како Холандија.
Изворот на проблемот се зелените политики на Европската Унија
Различни зелени партии, како холандската GroenLinks, со години лобираат низ Европската унија за различни ограничувања на земјоделското производство. Преминот кон „еколошко“ земјоделство, иако и во него се користат различни хемикалии, но не исти како во класичното модерно земјоделство, затоа стана една од целите на Европската унија.
Намалување на употребата на пестициди, запирање на употребата на вештачки ѓубрива, деиндустријализација на земјоделското производство, скратување на синџирите на снабдување и намалување на сточарството се меѓу целите на ваквите политики.
Некои од целите се создавање на кружна економија (рециклирање, споделување, изнајмување и реновирање наместо нови набавки), ревизија на системот за тргување со загадувањето (кој веќе постои во ЕУ), стратегијата „Фарма до маса“ според која храна треба да се произведува локално, укинување на даночни олеснувања за индустриите кои користат фосилни горива и пошумување.
Посебно интересен е планот за воведување на таканаречените „јаглеродни тарифи“, односно царини за увоз на производи во ЕУ од земји кои не се членки кои не придонесоа за глобално намалување на загадувањето.
Земјоделците во Холандија се првите кои сериозно се најдоа на патот на ваквите политики, за кои лобираат различни зелени партии во ЕУ, а ќе се спроведуваат без да се обрнува многу внимание на специфичните услови на одделни земји, времето на прилагодување или воопшто крајната профитабилност и целисходност.
Порастот на цените на храната во последните месеци може да биде само почеток на проблемот, а на крајот, Европската унија би можела да стане нето увозник од еден од најголемите извозници на храна во светот. Реперкусии нема да почувствуваат само граѓаните на Европската унија, бидејќи намалувањето на производството на храна во ЕУ и повисокиот увоз ќе доведе до зголемување на цените на храната во целиот свет.
Штетноста на радикалните политики лобирани од зелените партии во ЕУ ќе ја почувствуваат и граѓаните на нејзините земји-членки преку пад на стандардите и поскапување на храната. Сиромашните, претежно во африканските земји, би можеле буквално да гладуваат поради нив.
ФОТО: EPA/KOEN VAN WEEL