Холандија ќе им исплати 13,5 милиони евра на рибарите за трошоци за гориво
Холандија ќе им надомести на рибарите 13,5 милиони евра за зголемените трошоци за гориво, предизвикани од војната во Иран и кризата на Блискиот Исток, соопшти холандскиот министер за земјоделство Силвио Еркенс.
Парите ќе им бидат ставени на располагање на холандските рибари за да се ублажи ударот од повисоките цени на горивото. Најголемиот дел од средствата доаѓаат од европски фонд кој првично бил наменет за одржливост во рибарската индустрија.
Според објавените информации, 70 отсто од сумата ќе дојде од европскиот фонд, додека 30 отсто ќе ги обезбеди холандската влада. Рибарите ќе добијат надомест за зголемените оперативни трошоци направени од крајот на февруари.
Износот што ќе го добие секоја рибарска компанија ќе се разликува, а министерот Еркенс најави консултации со секторот за тоа како најдобро да се дизајнира програмата за исплата, пишува Еуроњуз.
Дел од рибарите воопшто не испловиле поради високите цени на горивото, но правилата на фондот не дозволуваат надомест за изгубен приход по таа основа. Средствата можат да се користат само за покривање на зголемените трошоци.
Брисел во средината на април објави дека фондот за одржливост може да се користи и за надомест на високите цени на горивото.
Минатиот месец Еркенс веќе најави и дополнителен фонд за одржливост на рибарската флота, заедно со дополнителни мерки за намалување на цените на енергенсите.
Тој фонд вклучува 25 милиони евра за претприемачи кои ловат ракчиња или плоскати риби, а за рибарите кои ловат школки се издвоени 10 милиони евра, кои ќе бидат распределени во период од три години.
Фото: Принтскрин/Икс
