ХОЛАНДИЈА ЌЕ ГРАДИ ДВА НУКЛЕАРНИ РЕАКТОРИ, А И ЌЕ СКЛАДИРА ЕНЕРГИЈА ОД ВЕТРОЕЛЕКТРАНИТЕ - земјата се плаши од недостиг на струја во 2030 година
Холандскиот оператор на електричната мрежа „ТеннеТ“ соопшти дека до 2030 година во таа земја може да има недостиг на електрична енергија.
Како што е наведено, домашната понуда во голема мера ќе биде доволна за да се задоволи побарувачката во Холандија до 2025 година, меѓутоа, неизвесноста во понудата се очекува значително да се зголеми на крајот на деценијата.
За да се спречи недостигот, понудата и побарувачката на електрична енергија ќе мора да станат пофлексибилни и да се развијат нови начини за складирање енергија од обновливи извори.
Холандската влада минатиот месец објави дека планира да изгради две нови нуклеарни централи до 2035 година, кои дотогаш треба да снабдуваат до 13 отсто од вкупното производство на електрична енергија во земјата.
Исто така, се планира да се развијат начини за складирање на големи количини на енергија испорачана од морските фарми со ветерници.
(Извор: Танјуг)
