Хојт Ји бара да се поправи штетата направена со аболицијата
Заменик помошникот државен секретар на САД, Брајан Хојт Ји денеска порача дека е потребно политичките лидери да ја поправат штетата направена со помилувањата.
Според него, аболицијата од 12 април донесена од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов го поткопува владеењето на правото и принципот на одговорност.
Поправањето на штетите треба да биде направено на јасен, сеопфатен и недвосмислен начин, и што е можно побрзо, смета Ји.
„Доколку лидерите ги поништат или повлечат помилувањата на само делумен или селективен начин, тоа само дополнително ќе го зголеми растечкото чувство на неказивност во државата и на недостатокот од одговорност“ - вели Хојт Ји.
Додава дека одговорноста подразбира и целосна поддршка за сите институции задолжени за спроведување на владеењето на правото, вклучувајќи го и СЈО.
Ји два дена е во Македонија, и се сретна со политичките челници во земјава.
