H&M ПОСЛЕДЕН ПАТ ГИ ОТВОРИ ВРАТИТЕ ВО РУСИЈА-И ОВОЈ БРЕНД СИ ОДИ: Невидени гужви и редици пред продавниците
Огромни редици се
формираа пред продавниците на модниот синџир H&M во Москва, откако
филијалите на H&M во руската престолнина ги отворија вратите последен пат
за да ги распродадат залихите пред компанијата целосно да се повлече од Русија.
Долги редици луѓе се видени пред продавницата H&M во московскиот трговски центар Авиапарк, како и пред продавницата H&M во московскиот трговски центар Метрополис, објави „Москов тајмс“.
Повлекувањето од Русија, шестиот најголем пазар за H&M, ќе ја чини мултинационалната компанија со седиште во Шведска околу 200 милиони американски долари, што ќе доведе во неизвесност околу 6.000 вработени, јави Танјуг.
H&M на 18 јули објави дека одлучил целосно да го прекине работењето во Русија, приклучувајќи се на растечката листа на странски компании кои ја напуштаат земјата. Овој мултинационален бренд ги прекина деловните активности во Русија на почетокот на март, по тензиите меѓу Москва и Украина.
Русија беше шестиот најголем пазар на H&M, каде што компанијата го зголемуваше бројот на продавници додека ги намалуваше на многу други пазари, објави претходно Ројтерс.
