Хелсиншки комитет:Затворениците се жалат на пренатрупаност и нехигиена
По повод денешниот протест на осудените лица, Хелсиншкиот комитет информира за тековните состојби во македонските затвори и за условите за живот во нив.
Велат дека со состојба од 12 април годинава, вкупниот број на лица што се наоѓаат во некоја од тринаесетте затвори е 3.446. Од нив, 3.159 се осудени лица што издржуваат затворска казна, а 287 притворени лица. Вкупниот капацитет за осудени лица е 2.026, што значи дека постои пренатрупаност од 156%, или во просек 156 лица престојуваат во просторни услови за 100 лица.
„Најалармантна е состојбата во Затворот Струмица каде има капацитет за 62 лица, а престојуваат 150 лица, односно пренатрупаноста изнесува 242%. Пренатрупаност од 200% има во Затворот Тетово, а над 170% има во КПД Идризово и затворите во Штип и Гевгелија. Според Управата за извршување на санкциите бројот на осудени лица што издржуваат затворска казна од 2010 до 2016 година се зголемил за 46%. Затворите се со субстандардни услови за живот. Пренатрупаноста ја загрозува приватноста, го нарушува достоинството на луѓето и резултира со нечовечки и нехумани услови за живот. Механизмите за надзор се нефункционални. Третманот кој лицата го добиваат често е нечовечки што е во спротивност со принципот на апсолутна забрана за тортура. Проектот за Реконструкцијата на пенитенцијарите и воспитните установи требаше да започне во 2011, но до денес освен новоизградениот Затвор Куманово кој не е изграден според стандардите за институција од ваков тип, не е завршена планираната реконструкцијата на ниту еден друг затвор или воспитен дом“ - соопштуваат од Хелсиншки.Затворениците што се обраќаат до Хелсиншкиот комитет најчесто се жалат на несоодветната здравствена заштита, нехигиена, пренатрупаноста, неефикасноста на правната помош, неспроведување на програмите за ресоцијализација и друго. Додаваат дека куќниот ред во затворите се применува премалку или воопшто не се применува.
Според Комитетот за превенција од тортура, во некои од затворските собите има наезда од бубачки и разни инсекти, а душеците за спиење се стари и оштетени. Ова меѓународно тело укажува на присуство на голем степен на корупција меѓу затворските служби и затворениците. Комитетот наведува дека во затворот изгледа дека може да се купи сè, од мобилни телефони, дрога, условен отпуст и подобро сместување во затворот.Хелсиншкиот комитет го поддржува протестот на осудените лица и апелира активностите предвидени во Проектот за реконструкција на пенитенцијарите установи да се забрзаат. Административниот и судскиот надзор мора да биде зајакнат.
