Хелсиншкиот комитет нуди бесплатна правна помош
Хелсиншкиот комитет за човекови права ја известува јавноста дека се регистрирало како овластено здружение на граѓани за обезбедување бесплатна претходна правна помош согласно Законот за бесплатна правна помош.
Со ова, се прошири мрежата на здруженија за давање бесплатна претходна правна помош, која е дел од проектот Пристап до правда во Македонија. Од Хелсиншкиот комитет велат дека ова значително ќе придонесе кон поголемо доближување на бесплатната правна помош до граѓаните на Македонија. Во Хелсиншки комитет функционира и бесплатната СОС линија 0800 44 222 , на која граѓаните можат да се јават секој работен ден од 9 до 17 часот, за да постават прашање или да добијат правна информација.
„Целта на проектот кој е координиран од ФООМ, а поддржан од Европската унија е да се унапреди и промовира правото на бесплатна правна помош и да се овозможи пристапот до правдата за граѓаните во државата, особено на оние кои што се наоѓаат во социјален ризик“ - наведуваат од Хелсиншки.
За четири месеци од спроведувањето на проектот „Пристап до правда“ овластените здруженија обезбедија бесплатна правна помош за повеќе од 250 граѓани од цела Македонија. Овој проект е од голема важност за здруженијата кои даваат бесплатна правна помош, бидејќи овозможува да се исполнат строгите услови предвидени во Законот за бесплатна правна помош за здруженијата на граѓани.
Во овој проект партнерски организации се, Национален ромски центар- Куманово, Младински културен центар - Битола, Ехо - Штип, Избор - Струмица и Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија.
