Економија, финансии, бизнис

Контакт

Хелсиншки: Кривичниот совет стори повреда на Европската конвенција за човекови права

Хелсиншки: Кривичниот совет стори повреда на Европската конвенција за човекови права

Хелсиншкиот комитет, е подготвен да започне жалбена постапка пред Европскиот суд за човекови права.

Хелсиншкиот Комитет за човекови права од извршениот увид во приложената документација за случајот со новинарот Томислав Кежаровски, констатира дека Кривичниот совет донесувањето на решенијата го сторил во постапка и на начин кои се спротивни на Европската конвенција за човекови права и праксата на Европскиот суд за човекови права.

Во денешното соопштение на Комитетот се наведува дека биле сторени суштествени и процесни повреди во врска со проценката и аргументацијата за неопходноста од продолжување на притворот од страна на Основниот суд и непостапувањето по жалба од страна на Апелациониот суд во Скопје.

Образложението за причините за колективното продолжување на притворот во решението од 26 јуни на Кривичниот совет содржи само една страница. Се наведува дека постои опасност од бегство поради видот и висината на предвидената санкција, како и околноста дека г. Кежаровски не поседува недвижен имот. Хелсиншкиот комитет укажува дека воспоставената пракса на Европскиот суд претпоставува при одлучувањето за продолжување на мерката притвор, судиите да мораат да ги наведат причините за нивната одлука, односно детално да прецизираат зошто сметаат дека лицето ќе побегне. Освен спорните решенија на Основниот суд Скопје 1, загрижува и постапувањето на Апелациониот суд во Скопје кој и по истекот на еден месец не се впушти во оценување на жалбените наводи изјавени против решението на Кривичниот совет од 26 јуни. Во конкретниот случај се работи за решение за продолжување на притворот за 30 дена. Според тоа, доколку решението е обжалено, жалбата мора да биде разгледана и по неа да биде одлучено пред Кривичниот совет да донесе ново решение за продолжување на притворот. Со намерното или ненамерното непостапување, Апелациониот суд ја повредил ефективноста на жалбената постапка и со тоа сторил повреда на Европската конвенција за човекови права. Со тоа, на странките во т.н. случај „Ликвидација“ им се отвора можноста за поднесување на жалба против Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Во согласност со општоприфатените принципи на меѓународното право, постојат околности кои ги ослободуваат обвинетите од користењето на домашните правни средства кои се на располагање. Ова од причина што според Европскиот суд официјалната толеранција од страна на државните власти, која ги прави постапките бесмислени или неефективни, ги ослободува обвинетите од користењето на домашни правни лекови кои мораат да бидат доволно јасни, не само теоретски, туку и во пракса. Поради тоа, Хелсиншкиот комитет го повикува Апелациониот суд во Скопје сериозно да ги разгледа жалбените наводи против последното решение на Кривичниот совет со кое на 24 јули повторно му беше продолжен притворот на новинарот Томислав Кежаровски. Притоа, Хелсиншкиот Комитет потсетува дека по завршувањето на истражната постапка, на судот освен притворот кој претставува најекстремна мерка, на располагање му стојат алтернативни мерки како што се куќен притвор, гаранција (која е веќе понудена од страна на семејството на г.Кежаровски), одземање на патна исправа итн.

Слично

Поврзани вести