Економија, финансии, бизнис

Контакт

Хелсиншки: Државата да не дозволи текстилците да ги третираат работниците како робови

Хелсиншки: Државата да не дозволи текстилците да ги третираат работниците како робови

Како крајни недозволиви ги оценува Хелсинишкиот комитет за човекови права барањата на сопствениците на фабрики од Текстилниот кластер. Оттаму велат дека изјавите за продолжување на работното време, укинување на празници за да немало дисконтинуитет во производството, замрзнување на придонесите, повторно отворање на темата за нормиран учинок, дури и небулозните закани за штрајк на работодавачите го покажуваат бескурпулозниот однос на газдите кон работниците. 

По текстот кој го објави денеска Фактор од Хелсиншки реагираат дека со самото искажување на овие ставови директно се удира на работничките права и на достоинството на текстилните работнички и работници, кои според нив се една од најзагрозените и најмалку платени групи во општеството. 

„Со ова, самите работодавачи практично го признаваат досегашниот арогантен однос кон работниците и начинот на кој секојдневно ги третираат вработените во своите погони, стои во соопштението.

Оттаму велат дека до Хелсиншкиот комитет, во 2019, заклучно со септември, се имаат обратено 1.497 текстилни работнички од 60 конфекции од 12 различни градови. Дадени се 906 правни советувања и иницирани се 20 постапки за инспекциски надзор. Сепак, Државниот инспекторат за труд само во еден случај утврдил неплатена работа на празник, а ниту еднаш нема утврдено неплатена прекувремена работа и/или прекувремена работа над законскиот минимум.

„Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите. Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив. Притоа, важно е да се спомне дека работодавачите во текстилната индустрија се дополнително привилегирани со субвенции од државата за исплата на минимална плата и дека уживаат други поволности во однос на извозот. Во таква ситуација, државата не смее да дозволи газдите да ги третираат работниците како да се робови, додаваат од Хелсиншки.


Слично

Поврзани вести