Хелсиншки бара рокот за обвиненија од СЈО да биде продолжен
На 24 месеци да се зголеми рокот за поднесување обвинителен акт од Специјалното јавно обвинителство.
Ова го побараа денеска од Хелсиншкиот комитет како дел од иницијативата на граѓанското општество за спроведување на итни демократски реформи.
Уранија Пировска, претседателка на Хелсиншкиот комитет објасни дека бараат независен буџет за СЈО, како и законско решение за тоа обвинителство да стане постојан орган.
„Во судскиот совет да бидат предложени нови членови со нови критериуми и искуство. Исто така, бараме итно да се донесе законот за заштитени сведоци и законот за свиркачи. Сметаме дека само со посебно одделение во Кривичниот суд за случаите произлезени од прислушуваните материјали, СЈО ќе може да работи без притисоци“ – рече Пировска.
Според поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска, потребно е формирање на специјализирано судско одделение.
Јавното обвинителство не најде волја да ги процесира случаите пред да ги предаде на СЈО. Затоа е и потребно ново судско одделение за овие случаи, додава Николовска.
