Хеликоптер на МВР ќе ги евакуира завеаните од Ржаново
Патот Кичево – Охрид од рано утринава прооден за лесни возила чија тежина не надминува 5 тони.
Ова денеска го соопшти министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, по состанокот на координативното тело.
Во акцијата за чистење на автопатот биле вклучени 10 возила на „Македонија Пат“ и неколку приватни компании.
„Постепено се нормализира ситуацијата со напојување со електрична енергија. Јас и вчера изјавив, а и од ЕВН потврдија дека најголем дел од населените места, како Вевчани, Лабуниште, Октиси денес околу 14 часот ќе имаат снабдување со електрична енергија“, нагласи Јанакиески.
Миснистерот подвлече дека во текот на денешниот и утрешниот ден патот Кичево – Охрид треба да биде прооден за автобуси и тешки товарни возила.
„Бројот на завеаните села од час во час се намалува. Покритична е областа околу Дебар, а има поголем број на планински села во Македонски брод. Во акцијата се вклучува и Дирекцијата за заштита и спасување и локалните самоуправи“, додаде тој.
Министерот истакна дека за евакуирање на три лица завеани во селото Ржаново во струшко ќе биде ангажиран хеликоптер на МВР, а надлежните институции ќе направат максимални напори за расчистување на патиштата кон отсечените села.
УХМР најави дека деновиве ќе преовладува многу ладно време со температури и под минус дваесет степени.
Слично
