Хашкото обвинителство најави жалба на пресудата на Шешељ
Хашкото обвинителство денеска најави дека ќе поднесе жалба на пресудата со која лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ е ослободен од сите обвиненија за воени злосторства извршени во Хрватска и БИХ.
Обвинителството побарало одобрување на жалбата, менување на пресудата и Шешељ да биде прогласен за виновен или пресудата да се укине целосно и да се побара повторување на судскиот процес. Обвинителството смета дека првостепениот совет не донел правилна одлука, бидејќи немал добри причини за своите заклучоци, не ги прифатил аргументите и доказите на обвинителството, но и затоа што погрешно ја оценил фактичката состојба утврдена за време на судењето. Хашкиот трибунал на 31 март изрече ослободителна пресуда за Шешељ во однос на сите девет точки од обвинението, кое го товари дека преку говор на омраза ги поттикнувал и поддржувал воените злосторства во Хрватска и БИХ. Обвинителството бараше лидерот на српските радикали да биде осуден на казна од 28 години затвор.
