ХАОС ВО ИЗБИРАЧКИОТ СПИСОК: Граѓаните да пријавуваат сомнителни податоци!
Реакциите за нерегуларности во Избирачкиот список, не стивнуваат откако Државната изборна комисија ја промовираше веб-апликацијата за проверка на гласачите.
Граѓани на социјалните мрежи пишуваат за починати, иселени и „фантомски” гласачи во Избирачкиот список.
Голем дел од нив откриле дека на нивните адреси живеаат луѓе кои тие не ги познаваат, дека на списокот има починати лица и дека има лица кои повеќе години се иселени од Македонија.
Освен тоа, забележани се и фиктивни влезови, станови, напуштени куќи, по 50-60 лица во еден стан, како и стари имиња на улици.
На веб-апликацијата на ДИК за проверка на избирачкиот список од денеска, требаше да профункционира новата алатка - за пријавување евентуални грешки на кои ќе наидат граѓаните при обидот да проверат дали се регистрирани како гласачи.
„Граѓанската контрола на Избирачкиот список е составен дел од проверката на Избирачкиот список, а податоците од граѓаните се од суштинско значење за ажурирање на Избирачкиот список. Граѓаните имаат право да ги пријавуваат сомнителните случаи и да поднесуваат барања за запишување, дополнување и бришење на податоци од Избирачкиот список, со приложување на соодветна документација.” – стои во соопштението на ДИК.
Од опозициската СДСМ денеска ја повикаа ДИК да ја заврши својата работа за да обезбеди на изборите да важи правилото еден човек- еден глас. Тие обвинија дека лажни гласачи биле најдени во повеќе општини низ Македонија и бараат одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ пак, демантираат и велат дека опозицијата на овој начин сакала да ги оправда своите изборни порази.
Додека во јавноста се откриваат фалинките во избирачкиот список, тече и вкрстената проверка на податоците од десет државни институции. Откако ќе заврши врсктената анализа, започнува теренската проверка.
