Хаос со малопродажните цени на горивата
Настаната е вистинска мешаница во одредување на цената на горивата.
Оваа недела во рок од три дена цената на горивата се променува два пати. Првата промена доаѓа од РКЕ во понеделникот со одлука, со која се утврдени највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и горива за транспорт, додека втората доаѓа поради промена на Закон за акцизите чие донесување беше заглавено во Собранието. Вистинската мешаница настанува поради некоординираноста на институциите, односно законот за акцизи во Собранието се донесува на 02.04.2021 година, и иако официјално пишува дека е објавен на 06.04.2021 година истиот реално се објавува 07.04.2021 година, врз основа на кој се менува одлуката на РКЕ донесена во понеделникот со што се променува цената на акцизата ретроградно.
Постапувајќи по долгогодишната пракса, дистрибутерите на гориво ја формирале цената по последната одлука на РКЕ објавена на 05.04.2021 година и продавале горива со пониска акциза цели два дена, кога конечно ја добиле одлуката на РКЕ, со која ќе треба да платат повисока акциза од предвидената, ретроградно за два дена продадено гориво.
Несомнено е дека овие нови пракси и непромислените постапки на институциите ја става цела нафтена индустрија во Македонија во огромни загуби. Институциите, односно функционерите и администрацијата во оваа држава потфрлија кога станува збор за ажурност за промени кои имаат реален негативен импакт врз една од најголемите економски гранки во државата.
Во време на пандемија и јака економска криза низ целиот свет, вакви постапки се недозволиви за една држава. Наместо мерки и стимулација, се преземаат непромислени дејствија кои го отежнуваат редовното работење на трговците со нафта.
Кој ќе ги надомести штетите? Дали конечно државата со системски и конкретен пристап ќе се насочи кон овој проблем или повторно како многу пати до сега проблемот ќе остане не адресиран?
