ХАОС НА НЕБОТО ОД ЈУНИ? Ryanair предупредува: можно масовно откажување летови поради недостиг на гориво
Директорот на Ryanair, Мајкл О Лари, предупреди на можен недостиг на гориво поради геополитичките тензии на Блискиот Исток.
Според неговите проценки, ескалацијата на конфликтот во Иран и ризиците за транспортните рути низ Ормутскиот теснец може да предизвикаат сериозен шок во снабдувањето со керозин во Европа.
О’Лири алармира дека резервите на авио-гориво на европските пазари се стабилни само до почетокот на јуни. Доколку кризата продолжи и не се нормализира транспортот до средината на април, авиокомпаниите би можеле да бидат принудени на драстични мерки.
-„Во моментов никој не може да гарантира како ќе изгледа јуни и јули. Ако ситуацијата продолжи, ќе имаме сериозни проблеми со снабдувањето“, предупредува О’Лири.
Според неговите зборови, меѓу 10 и 25 проценти од летовите во Европа би можеле да бидат откажани, како дел од мерките за рационализација на горивото. Наместо селективни кратења, компаниите ќе бидат принудени да реагираат според достапноста на гориво на одделни аеродроми.
Особено ранлива е Велика Британија, која значаен дел од авио-горивото го увезува од Кувајт. Дополнителен притисок создава фактот што низ Ормутскиот теснец поминува околу 20% од светската нафта, а секое нарушување директно влијае врз цените.
Во меѓувреме, дел од европските авиокомпании веќе се подготвуваат за кризни сценарија. Lufthansa разгледува можност за приземјување на дел од флотата, додека Korean Air воведе вонредни мерки во работењето.
Покрај ризикот од недостиг на гориво, Ryanair веќе најави кратење на дел од летовите во Европа поради растечки оперативни трошоци и повлекување од одредени аеродроми. Овие промени ќе ја погодат поврзаноста со неколку популарни туристички дестинации, вклучувајќи Германија, Франција, Португалија и Шпанија.
И покрај неизвесноста, компанијата засега не се откажува од плановите за раст, но предупредува дека исходот ќе зависи исклучиво од развојот на кризата во наредните недели.
Ако состојбата не се стабилизира, летото 2026 би можело да донесе сериозен удар за туризмот и авио-индустријата, со последици што ќе ги почувствуваат милиони патници низ Европа.
Б92