ХАОС ИЛИ РЕД: Проблеми на граѓаните со управителите на зградите!
Само за половина година, или од јануари до јуни, до Регулаторната комисија за домување биле доставени 220 барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови( односно сопственици на станови). Пет години по воспоставувањето на обврската за ангажирање на управители или формирање на заедници на сопственици, во реалноста, граѓаните и натаму се соочуваат со серија на проблеми. Извештајот покажува дека во последните шест месеци имало благ пораст на бројот на станбени згради кои се управувани од лиценцираните управители и тој достигнал 5332 згради. Со оглед на оваа бројка, комисијата соопштува дека 53,3% од зградите се управувани од управители.
Со кои прoблеми се соочуваат граѓаните?
Дел од граѓаните не знаат по кој основ и за што плаќаат на управителите во станбените згради, а дел од управителите пак работат спротивно на законот, поради што и по пет години од воспставувањето на обврската за ангажирање на управители во зградите, сеуште има проблеми и недоречености во пракса.
Најновиот извештај на Регулаторната комисија за домување, кој го опрафќа периодот од првата половина од годинава, покажува дека на адреса на комисијата пристигнале двеста и дваесет барања за посредување во спорови меѓу управители, претседатели на заедници на сопственици и сопственици на посебни делови( односно сопственици на станови), од кои деведесет биле доставени како писмени барања, а сто и триесет беа доставени по електронски пат, преку веб страната на Регулаторна комисија за домување.
“Врз основа на извршената анализа на овие барања за посредување во спорови, како и на барањата добиени во претходните пет години, Регулаторната комисија за домување заклучи дека граѓаните најмногу се жалат на нерегуларности, поради одбивање на управителите да ги префрлат сретствата од резервниот фонд на новиот управител или на новата заедница на сопственици, како и предавањето на целокупната документација“, се посочува во полугодишниот извештај на комисијата.
Како што се посочува во извештајот, во периодот од први јануари до крајот на јуни, Регулаторната комисија за домување има издадено три лиценци за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Вкупно Регулаторна комисија за домување до 30 јуни, годинава има издадено 46 лиценци за управување. До овој период по разни основи, а врз основа на законските прописи, комисијата има одземено 10 лиценци. На почетокот од јуни, комисијата извршила контрола во 36 фирми кои имаат лиценца за управител во станбена зграда, кај три правни лица било констатирано следново:
“Едно правно лице достави известување дека не ги исполнува условите за поседување на лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради, за кое Комисијата ќе донесе Решение за одземање на лиценцата за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Едно правно лице не постапи по барањето од Комисијата, за кое Комисијата ќе донесе Решение за одземање на лиценцата за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради. Едно правно лице нема доставено комплетни податоци за што е доставено дополнително барање за дополнување на податоците, доколку од страна на правното лице не биде постапено во предвидениот рок за дополнување на податоците а по барање на Комисијата, ќе биде донесено Решение за одземање на лиценцата за управител за вршење на дејностите на управување со станбени згради“, посочуваат од РКЗД.
Месечната пресметка треба да се плаќа во три дела...
Oд Регулаторната комисија за домување велат дека некои управители имале пракса за доставување само на уплатници без детална месечна пресметка и задолжување на сопствениците на посебните делови да го платат износот за тековно и редовно одржување како и износот за резервен фонд во месецот за истиот тековен месец, што е спротивно на законот. Поради неинформираноста на граѓаните по кој снов и зошто плаќаат, бил донесен и нов правилник, односно Упатство, по кое треба да работат управителите.
“Со оглед на тоа што голем број од предметите кои беа доставувани до Комисијата се однесуваа на неинформираноста и незнаење за тоа колку и за што плаќаат сопствениците на посебни делови, Регулаторната комисија за домување донесе Упатство за начинот на подготовка на пресметка за направени трошоци во претходниот месец за кој се однесува наплатата за тековно и редовно одржување како и за резервен фонд од страна на Управителот или Заедница на сопственици. Со ова упатство се пропишани начинот на подготовка на пресметка за направени трошоци во претходниот месец за кој се однесува наплатата на средствата за тековно и редовно одржување како и за резервен фонд од страна на фирмите кои што имаат добиено Лиценца за управител за вршење на дејностите на управување со станбена зграда во станбените згради со кои што имаат склучено Договори за вршење на управувачки услуги, како и од страна на формираните Заедници на сопственици. Самата пресметка е составена од три дела, се вели во полугодишниот Извештај.
Како што објаснуваат од комисијата, во првиот дел се дадени износите на трошоците кои се направени во претходниот месец т.е. во месецот за кој се однесува пресметката од проста причина што управителот не може рамномерно да ги распореди трошоците ако претходно незнае колку тие изнесуваат. Затоа пресметката се однесува за претходниот месец т.е. за месецот кој изминал и за кој управителот веќе во наредниот месец, откако ќе ги дознае сите направени трошоци во претходниот месец, ќе може на обврзниците, да им достави пресметка за направените трошоци и врз таа основа да може од нив да ги наплати.
Вториот дел од пресметката се однесува на резервниот фонд. Обврзниците, покрај плаќањето за редовно одржување на зградата треба да плаќаат и за резервен фонд, кој има определена намена. Намената и користењето на средствата од резервниот фонд се определени со посебен член во Законот за домување. Затоа во овој дел од пресметката се дадени само месецот и износот кој што треба да се плати.
Во третиот дел е опишан и опфатен заостанатиот долг. Оние обврзници кои имаат заостанати сметки да бидат благовремено известени за својот заостанат долг за да можат навремено да го подмират или реагираат. Тука треба да се обрне внимание за бројот на заостанатите сметки, нивниот износ и за кој период се однесуваат.
Управители само во 11 градови ...
Во активните лиценцирани фирми се вработени 360 лица. Извештајот покажува дека во последните шест месеци имало благ пораст на бројот на станбени згради кои се управувани од лиценцираните управители и нивниот број сега изнесува 2 432 (со вкупно 52 781 посебни делови, односно станови и деловни простории), за разлика од второто полугодие на 2014 година кога тој број изнесувал 2 400 (со вкупно 47 700 посебни делови, односно станови и деловни простории).
“Постои тенденција на бришење на Заедници на сопственици на посебни делови, а зголемување на бројот на ангажирање на управители“, посочуваат од Регулаторната комисија за домување.
Вкупниот бројот на станбени згради кои се управувани од страна на управител или на заедница на сопственици изнесува 5332 згради. Ако се земат во предвид податоците од последниот попис од 2002 година, според кој во Република Македонија има околу 10 000 станбени згради, тогаш може да се заклучи дека веќе 53,3% од нив се управувани согласно Законот за домување, соопштуваат од комисијата. Во почетокот на примената на Законот за домување, на крајот од 2011 година овој процент изнесуваше 20%.
Од друга страна, лиценцираните управителии имаат склучено договори за управувачки услуги само во 11 градови.
“И во овој период нема забележано подобрување во однос на второто полугодие од претходната 2014 година во спроведувањето на Законот за домување од страна на општините. Бројот на овластени инспектори за домување во општините и опшините на градот Скопје, е ист во поглед на претходниот извештаен период.
Останатите општини се уште немаат назначено инспектори за домување, а со тоа се отежнува работата на лиценцираните управители, како и функционирањето на регистрираните заедници на сопственици“, се вели во полугодишниот извештај на комисијата.
Од невладината “Хабитат Македонија“, која подогло време се занимава со прашањето на домување, неодамна оценија дека наспроти добро уредените станови, ходниците и влезовите во зградите даваат сосема поинаква слика-нечисти, потемнети ѕидови, скршени прозорци, нефункционални лифтови, разрушена фасада.
“Изминатите четири години, од соработката со преку 80 згради од кои 33 се веќе реновирани по принципот на енергетска ефикасност, заклучивме дека главната причина за ваквата состојба треба да се бара во несоодветното управување или неуправувањето воопшто“, рече Лилјана Алчева од Хабитат Македонија.
Искуствата на граѓаните главно се различни од зграда до зграда. Додека едни сметаат дека моделот со управителите е решение за фунционирање на колективниот живот и оддржување на зградата други се жалат на проблеми со управителите, како што покажа и последниот Извештај на Регулаторната комисија за домување.
Р.Ф.
Слично
