Хан: Македонија ќе ја изгуби препораката ако не се реши политичката криза
Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан во Вашингтон говорејќи во Атланскиот Совет се осврна и на политичката криза во Македонија.
Тој потенцирал дека Европа има морална обврска да ја обезбеди европската перспектива на Македонија, меѓу другото и во интерес на стабилноста на регионот, поради што ќе бидат разгледани две поглавја од пристапните преговори со ЕУ.
Она што го потенцирал е дека доколку лидерите не успеат да најдат решение на политичката криза и истата не се разреши, земјава може да а ја загуби досега добиената препорака за отворање преговори.
„Постојат некои несовршености што треба да се завршат, да се модифицира изборниот законик, да се разгледа избирачкиот список и некои други елементи. Од друга страна морам да кажам дека последните избори како и неколку претходно во земјата и во регионот беа набљудувани од ОБСЕ и имаше генерално позитивен извештај, во кој беа наведени некои неправилности, но генерално беше позитивен извештај за изборите што беа одржани во април минатата година.
Македонската телевизија пренесе дека еврокомесарот, во своето обраќање во Вашингтон, побара опозициската партија СДСМ да се врати во Собранието, за да се испитаат обвинувањата од аферата Пуч и илегално снимените разговори кои беа објавени.
Има голем скандал што никој не може да го игнорира. Има 22 илјади ленти, што е голем скандал и не може да се игнорира. Да не зборувам за содржината што е нешто друго. Ние сме на мислење дека треба да има двонасочна реакција на ова. Една е политичката и затоа бараме опозицијата да се врати во парламентот, и да се справи со ова прашање на вообичаен политички начин преку дебата во парламентот, да има истражни комисии и така натаму. Но, исто така е криминален случај и тој со него треба да се справи на врз основа на меѓународните и европските стандарди. Затоа понудивме и ова исто така беше прифатено од партнерите за меѓународни експерти коишто се справуваат со вакви прашања. И сите страни се согласија да ги прифатат и спроведат сите препораки дадени од Европската Комисија особено кога станува збор за владеењето на правото и независноста на судството. И за да се анализира, но и да се спроведе ова, потребно ни е време и затоа се согласивме за избори во пролет идната година, иако некои сакаа да има избори порано“, изјави еврокомесарот Хан.
Еврокомесарот Хан потврди дека било понудено да се отворат поглавјата 23 и 24 како Македонија веќе да започнала преговори и истовремено ЕУ да асистира при подготовката на изборите.
„Сега имаме многу сериозна внатрешна криза и се надевам со договорот од минатиот вторник направивме огромен чекор напред. Затоа што им понудивме, ако сакате морков, но истовремено и стап, да ги разгледаме подрачјата во земјата од фундаментално значење како веќе да имаме започнати преговори со нив. Во Европската унија имаме поглавја 23 и 24, по кои преговараме со идните можни земји членки. Овие две поглавја се однесуваат на владеењето на правото, слободата на медиумите, независноста на судството и така натаму. Ние ќе ја примениме оваа методологија и истовремено ќе ги подготвуваме новите избори како што се договоривме, за да има фер, транспарентни и разумни избори. Се надевам дека ова ќе придонесе за да се стабилизира земјата и ќе ја врати на европската и евроатланската перспектива“, рече Хан.
Еврокомесарот Хан пред американската јавност истакна дека сите земји од Западниот Балкан се идни земји членки на ЕУ. Македонија е пример што се случува со земја која е предолго чека на интеграција во Европската унија и во НАТО.
