ХАН ГИ КРИТИКУВА ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН: Отворете ги границите и спуштете ја реториката!
Европскиот комесар за соседна политика и преговори за проширување Јоханес Хан побарал денес од сите земји од Западен Балкан да ги отворат границите за непречен проток на услуги и да ја намалат реториката.
„Ги повикувам сите земји од Западен Балкан одговорно да се однесуваат кон мигрантите, а посебно да не ги затвараат граничните премини“, рекол Хан пред новинарите во пресрет на денешното заседание на колегиумите на Европската комисија, не споменувајќи го директно случајот на Србија и Хрватска.
Хан рекол дека затварањето на премините за камионски сообраќај има директни економски последици по целиот регион. Запрашан за коментар на „царинската војна“ помеѓу Србија и Хрватска, Хан рекол дека ЕК се „обидува да арбитрира“.
Тој навел дека вчера телефонски разговарал со премиерот на Србија Александар Вучиќ и шефицата на хрватската дипломатија Весна Пусиќ, а разговарал и со министерот за труд и социјална политика Александар Вулин, кој бил во посета на Брисел.
„Знам дека не е лесно, но сега е потребно вербално разоружување кога се работи за изјави и соопштенија, бидејќи остри зборови не помагаат“, рекол тој.
Хан навел дека ЕУ е спремна да им помогне на земјите од Западен Балкан, пред Србија и Македонија, да излезат на крај со бегалската криза. Тој најави дека во петок ќе го посети Белград и бегалските кампови.
