Хајндл утре ќе се сретне со политичкиот врв и со Јанева
Посредникот за решавање на политичката криза во Македонија, германскиот пратеник Јоханес Хајндл, утре ќе се сретне со лидерите на политичките партии, потписнички на Договорот од Пржино.
Во неговата агенда предвидени се и разговори со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, премиерот Емил Димитриев, министерот за надворешни работи, Никола Попоски, и со специјалната обвинителка, Катица Јанева.
Од Амбасадата на Германија во Скопје најавија дека Хајндл по средбата ќе даде изјава за медиумите.
Хајндл при првата средба не даде изјава, туку се огласи преку соопштение испратено од амбасадата. При тоа Хајндл ги слушна аргументите на лидерите.
Тој и досега се среќаваше со лидерите на четирите најголеми партии, со цел решавање на политичката криза во земјава.
За кратко време, ова е негова четврта посета.
