Хајндл ја завршува посетата во земјата, изјава се очекува денеска
Германскиот специјален пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл денеска треба да ја информира јавноста за дводневните средби со потписниците на Договорот од Пржино.
Ова го најави Германската амбасада во Скопје.
Хајндл вчера попладне имаше средби со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, со премиерот Емил Димитриев, со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Според најавите, тој требаше да разговара и со специjалната обвинителка Катица Jанева и со лидерите на ДУИ, Али Ахмети и на ДПА, Мендух Тачи.
Заев и Хајндл заеднички констатирале дека целосното повлекување на незаконската аболиција беше неопходност и отвора пат за функционирање на правната држава, но дека се потребни и соодветни реформи што ќе го обезбедат непреченото спроведување на правдата.
Груевски посочил дека партијата е посветена и работи на надминување на политичките предизвици, како и фактот дека деструктивното однесување на опозицијата нанесува штета на државата и никако не оди во прилог на надминување на актуелната состојба.
Димитриев изјави дека клучно за Владата е остварување на напредок на полето на евроинтеграциите.
Амбасадорот Хајндл ја поздрави и упати честитки за одлуката на претседателот Иванов за поништување на одлуките за помилување.
Хајндл по трет пат доаѓа во Македонија со цел да помогне во решавање на кризата.
