Хајндл бил во Атина, дали се „крчка“ решение за името?
Специјалниот германски пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл во рамки на неговите контакти со меѓународната заедница ја посетил и Атина и грчкото Министерство за надворешни работи.
Неофицијално, таму тој се сретнал со политичкиот директор на Министерството, Петрос Мавроидис, но нема информации дали можеби имал контакт и со министерот Никос Коѕиас.
Средбата била непосредно по последната рунда разговори меѓу претставниците на македонското и грчкото МНР околу мерките за градење доверба, која се одржа во понеделникот.
Мавроидис кој имал средба со Хајндл раководи со групата на грчкото МНР која е во директни контакти со македонското министерство околу мерките за градење доверба.
Оваа посета на Атина ги подгрева шпекулациите дека во решавањето на политичката криза во Македонија, може да се отвори и прашањето за името.
