Ѓулен ја отфрли потерницата против него
Турскиот свештеник кој живее во САД, Фетула Ѓулен ја отфрли како бесмислена потерницата што Турција ја издаде за него под обвинување дека тој го организирал обидот за државен удар во земјата минатиот месец.
„Добро е документирано дека турскиот судски систем не е незвисен. Затоа ова потерница е уште еден пример на авторитаризмот на претседателот Реџет Таип Ердоган“- смета Ѓулен.
Тој постојано негира дека имал некаква врска со неуспешниот обид за државен удар во Турција.
Портпаролот на Стејт департментот, Марк Тонер, истовремено, кажа дека САД ги разгледуваат новите документи што Турција им ги доставила со цел да го екстрадираат Ѓулен.
„Турските власти во неколку наврати ни доставија документи и токму сега ние ги разгледуваме“ - изјави Тонер.
Тој додава дека првата серија доставени документи не претставуваат формално барање за екстрадиција на Ѓулен.
Објаснува дека потоа од Турција пристигнале уште документи, и во тек е процесот на нивно анализирање, при што засега не е донесена конечна проценка.
Тонер вели дека САД и понудиле помош на Турција во истрагата за пучот, но не одговори дали Анкара одговорила на понудата.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу кажа дека односите со САД ќе се влошат ако САД не им го екстрадираат имамот.
Американското Министерство за правда е задолжено за разгледување на документите за да се утврди дали тие претставуваат формално барање за екстрадиција на Ѓулен, кој од 1999 година живее во самонаметнат егзил во Пенсилванија, наведуваат британските медиуми.
