Губиме енергија, а не сме свесни: Потребно е да се финансираат енергетски ефикасни проекти
Да се основа Фонд
за енергетска ефикасност со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти,
сугерираат од Стопанската комора. Се тврди дека потребно е и подобрување на
енергетската ефикаснот во јавниот сектор и да се практикува да се зголеми рационалното
трошење енергија при климатизација, при изградба на згради. Од комората велат и
дека е неопходен соодветно обучен кадар.
Во февуари годинава беше донесен Закон за енергетска ефикасност кој според познавачите е солидна основа за технолошки промени.
„Тоа се промени во однесувањето на субјектите и економски промени кои можат да доведат до заштеда на енергија, но за да се операционализира истиот во пракса, неопходно е да се донесат подзаконските акти. Подобрување на енергетската ефикасност во јавниот сектор е повеќе од неопходна, но и во приватниот сектор неопходно е промовирање и практикување на енергетска ефикасност при греење и климатизација, при изградба на згради, како и означување на потрошувачката на енергија и еко-дизајн на производи.Бидејќи, финансирањето секогаш претставува пречка за реализација на целите, за зголемување на енергетската ефикасност треба да се основа Фонд за енергетска ефикасност, преку кој би се финансирале одредени проекти, вели Анета Димовска, самостоен советник во Стопанската комора.

Таа вели дека практикувањето на штедење на енергија има придобивки кои се значајни за домаќинствата, компаниите и институциите, односно во поширок контекст за државата како целина, од аспект на заштеда на средства, но и заради намалување на загадувањето и зачувување на необновливите извори на енергија. Тврди и дека треба да придонесе и секој поединец.
Според податоците на Државниот завод за статистика, потрошувачката на финалната енергија во 2018 година главно е сконцентрирана во четири сектори. Во секторот сообраќај – над 38 отсто, во домаќинства нешто над 25 проценти, индустрија 21,6 проценти и комерцијален и услужен сектор, други сектори - 11 отсто, додека земјоделството учествува со само со околу 1 процент во финалната потрошувачка на енергија.
„Вкупниот енергетски биланс за 2018 година покажува дека финалната потрошувачка на енергија изнесувала 1903,5 ktoe (кило тони нафтен еквивалент), а за нејзино обезбедување биле потрошени 2598,9 ktoe. Согласно овие податоци, најголем потрошувач на енергија е сообраќајот, а потоа следуваат домаќинствата, што значи дека мерките за зголемување на енергетската ефикасност првенствено треба да се насочени кон овие два секторa, вели Димовска.
