ГТЦ Скопје лани направи ќар од еден денар за акција
Профитот на ГТЦ лани бил 1 отсто од приходите што компанијата ги остварила од продажба (услуги) и тој е постигнат благодарејќи на финансиските приходи оти државната компанија била во оперативна загуба од 12,2 милиони денари
Скопскиот „Градски трговски центар“, некогашната трговска гордост на Македонија, лоциран во најстрогиот центар на Скопје лани успеа да направи добивка од 2,16 милиони денари (35.000 евра), покажува официјалниот неревидиран и неконсолидиран биланс на успех на таа државна компанија објавен на Македонската берза за хартии од вредност. Пресметката покажува дека државната компанија ГТЦ лани на дневна основа успеала да заработи (да оствари нето профит) од 96 евра просечно дневно. Секоја акција на ГТЦ за лани носи добивка од 1,16 денари што е за 12 отсто повеќе во споредба со добивката што компанијата ја оствари во 2013 година.
Билансот покажува дека вкупните приходи од продажба лани се 215 милиони денари (3,49 милиони евра) и се 6,7 милиони денари (околу 100.000 евра) пониски од приходите од продажба во 2013 година. На другата страна оперативните расходи на компанијата изнесуваат 236,4 милиони денари и од вкупните приходи се повисоки за 12,2 милиони денари. Што значи дека компанијата од оперативно работење има загуба од речиси 200.000 евра, во минатата година. И покрај минорното намалување во однос на 2013 година најголема расходна ставка се трошоците за плати и придонеси на вработените во ГТЦ кои изнесуваат 85,27 милиони денари. Втора по големина расходна ставка се трошоците за набавка на материјали, резервни делови, ситен инвентар и друго во износ од 71,96 милиони денари. Амортизацијата е во износ од 36,6 милиони денари, а останатите расходи во износ од 42,57 милиони денари.
Пресврт во билансот во кој компанијата книжи оперативна загуба од 12,2 милиони денари, прават финансиските приходи во износ од 15,88 милиони денари остварени лани. Благодарејќи на тој приход компанијата успеа да ја заврши со добивка од 2,16 милиони денари.
Од билансот на состојба може да се заклучи дека компанијата има повеќе побарувања од обврски, што доколку успее да наплати позитивно ќе се одрази врз работењето. Вкупните обврски на ГТЦ на крајот на 2014 година се 37,7 милиони денари и сите се тековни обврски, а компанијата нема долгорочни обврски. Наспроти тоа компанијата годината ја завршила со 103,56 милиони денари побарувања од купувачи и во таа ставка во однос на 2013 година побарувањата се намалени за 10 отсто.
Најголем акционер на ГТЦ Скопје е државното акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кое поседува 97,6 отсто од акциите со право на глас. Во акционерската структура има и 128 домашни физички лица кои поседуваат 1 отсто од акциите со право на глас. Лани компанијата исплати дивиденда во износ од еден денар по акција, а последно тргување со таа акција е регистрирано на 19 април 2012 година кога се тргувани 320 акции по цена од 1.795 денари за акција.
Р.Ф.
Слично
