ГТЦ во добивка од половина милион евра до крајот на септември
Во последните три месеци добивката на компанијата пораснала за 17,6 милиони денари и изнесува 32,57 милиони денари
Градски трговски центар (ГТЦ) ја зголеми добивката за 15,8 милиони денари во последните три месеци, покажува неревидираниот биланс на успех на таа државна компанија објавен вчера на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност. Според официјалните податоци на крајот на септември оваа компанија, чија доминантна дејност е да дава услуги на корисниците на деловниот простор во строгиот центар на Скопје, има нето добивка која надмина 500.000 евра односно изнесува 32,57 милиони денари. Најголем акционер во оваа компанија е државното акционерско друштво за стопанисување со станбен и деловен простор кое поседува над 97 отсто од сите акции со право на глас во ГТЦ.
Неревидираниот биланс на успех покажува дека приходите од продажба на ГТЦ за девет месеци изнесуваат 160,7 милиони денари и се пониски за 3 отсто ако се споредат со приходите остварени истиот период лани. Вкупните приходи на компанијата за првите девет месеци изнесуваат 169 милиони денари и се речиси на исто ниво како овој период лани. На расходната страна компанијата успеала да ги намали оперативните расходи за 6 милиони денари односно за 100.000 евра во споредба со истиот период лани. Тие изнесуваат 148,1 милиони денари.
Во структурата на трошоци доминираат услугите со карактер на материјални трошоци и трошоците за вработените. Услугите во расходната страна учествуваат со 70,4 милиони денари, а трошоците за вработените учествуваат со 63,9 милиони денари. Останатите трошоци се со износ од 9,8 милиони денари. Најзначајна редукција на трошоците менаџментот успеал да изврши кај ставката услуги со карактер на материјални трошоци и тие се пониски за 10 милиони денари од истите кои биле направени во истиот период лани. Намалување на трошоците од 1,6 милиони денари има и кај ставката трошоци за вработените. Во првите девет месеци компанијата има финансиски приходи од 12,4 милиони денари кои се значајна ставка во креирање на добивката иако кај нив има снижување од 17 отсто односно 2,5 милиони денари во споредба со лани.
Р.Ф.
Слично
