Економија, финансии, бизнис

Контакт

ГТЦ со нов договор за електрична енергија, еден ден по аферата со копањето на криптовалути

ГТЦ со нов договор за електрична енергија, еден ден по аферата со копањето на криптовалути

ГТЦ на 17 ноември потпишал едногодишен рамковен договор со ЕСМ Продажба за набавка на електрична енергија во вредност од 47,2 милиони денари со ДДВ. Договорот е потпишан еден ден по аферата со наводното копање на криптовалути во подрумските простории на шопинг-центарот. Набавката е објавена вчера на електронскиот регистар.

Договорот се однесува на периодот од 1 декември 2021 до 30 ноември 2022. Цената по мегават/час е 6.291 денари. Станува збор за рамковен договор, што значи дека ГТЦ не е должен до крај да го потроши предвидениот износ. Договорот е потпишан помеѓу Александар Обрадовиќ, директорот на подружницата на ЕСМ, и Ѓоко Трајчевски, првиот човек на трговскиот центар, чиј доминантен сопственик е Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.

Директорот Трајчевски вели дека во последните два месеци, пред да истече стариот договор, ГТЦ веќе се снабдувал од ЕСМ Продажба, затоа што предвремено бил раскинат договорот со Енерџи Актив.

- Договорот беше раскинат три месеци пред да истече. По закон за енергетика, моравме да се обратиме кај универзалниот снабдувач ЕВН Хоме, од каде добивавме струја еден месец, а потоа одма почнав со преговарање и на нашите понуди се одзва само ЕСМ Продажба, со која за два месеци беше договорена цена од 75 евра за мегаватчас. Тогаш цените, треба да се знае, беа помали од актуелните, ни изјави Трајчевски.

Во аферата со потрагата на полицијата по „диви копачи на криптовалути“ излезе на површина информацијата дека ГТЦ имала договор за снабдување со електрична енергија со трговецот Енерџи Актив кој што истекувал изминатиот период, но сепак бил предвреме раскинат.

Претпријатието ГТЦ за последната набавка на електрична енергија исплатила 765 илјади евра, а цената за потрошен мегаватчас изнесувала 3.693 денари, според тогашните медиумски натписи.

По настанот во кој полицијата се приближи до подрумските простории за кои имала дојава дека „на диво се копаат криптовалути“, МВР излезе со соопштение дека не утврдиле кривично дело кражба на струја.

Дел од новинарските екипи објавија видео снимки на кои се гледаат по десетина графички картички поврзани на компјутерски сервери со кои наводно се вршело „копањето“ криптовалути. 

Од Државниот завод за ревизија веќе потврдија дека во тек е ревизијата на работењето на АД ГТЦ. Некои од сопствениците на локалите од овој центар имаа поплаки дека плаќаат поскап износ отколку што чини набавката на електричната енергија, по што се отвори прашањето дали ГТЦ во овој случај може да биде трговец.

А.К.


Слично

Поврзани вести