Груевски жали што Заев и Верушевски се аболицирани
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ паралелно со прес конфернцијата на Специјалното јавно обвинителство имаше обраќање во кое што рече се додека стои нема да му дозволи на опозицискиот лидер Зоран Заев да направи украинско сценарио.
Груевски истакна дека не се сомнева, како што рече во добрите намери на претседателот Иванов, ниту пак се сомнева во законитоста или уставноста на неговата одлука.
Груевски се огради од оваа одлука и посочи дека со таа одлука, Иванов му помага на СДСМ.
„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека тој кој направил криминал треба да одговара.
Никој во ВМРО-ДПМНЕ не се чуствува за виновен. Оттука никој од нас не посакуваше да има прекин на постапката за која Иванов донесе одлука. И покрај очигледното непрофесионално однесување на структурите на СЈО и завземањето страна, во случајот директно ставајки се на страната на СДСМ, ние сме убедени дека низ правна постапка ќе се покажеше вистината, и фактот дека многуте кривични пријави поднесени против наши функционери, и неколкуте отворени истраги, се само дел од кампањата на СДСМ немајки идеја што друго да направи и понуди на народот во смисла на добри идеи за подобрување на животот на граѓаните. Всушност народот веќе го има препознаено сето ова. На убедливото мнозинство граѓани му е совршено јасно, што се случува во земјата“, рече првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.
Во својот говор Груевски рече дека тој и ВМРО-ДПМНЕ жалат за аболицијата на Зоран Заев и Зоран Верушевски, и нивните соработници, за кои рече дека и нанеле огромна штета на државата и народот, и тие требаше да одговараат.
Тој уште еднаш ги повика СДСМ да излезат на избори.
