Груевски: Заев е инструмент на разузнавачка служба која потплатува соработници во Македонија!
Одговарајќи на новинарско прашање премиерот денеска изјави дека лидерот на опозицијата Зоран Заев е на тенок мраз и со тезите кои ги кажува дека не е важно кој го вршел прислушувањето туку дека е важна содржината на разговорите, како и оти е нормално едно семејство да се допишува со криптирани пораки се искривени тези со кои се разобличува и се заплеткува во интригите со кои сам се заплеткал.
– Забележавме дека Заев мртов ладен призна дека било нормално во семејството да се допишуваат со шифрирани пораки наместо со букви, зборови, туку со бројки. Тоа го говори за човекот за којшто до пред некое време тврдеше дека не го познава, дека нема контакти со него, а сега веќе знае како тој и жена му се допишувале и тоа го смета за сосема нормална работа и го оправдува пред јавноста, изјави Груевски одговарајќи на новинарско прашање по доделувањето на решенијата за вработување на деца без родители по Програмата Д-10.
Дека се вовлекува во сопствените лаги, според Груевски, говори и фактот што Заев покрај првичните тврдења дека нема контакти со Зоран Верушески, сега изјавува дека на неговото семејство му купил компјутер, а сакал да му купи и кола, но, како што рече, за несреќа поради настаните таа работа не се случила. Дали е тоа така, рече Груевски, ќе покаже времето.
Не може, вели Груевски, да не е важно кој направил упад во државниот систем, дека била организирана агентурна мрежа, оти била вмешана странска разузнавачка служба, дека Заев на некој начин, како што рече, е инструмент на таа разузнавачка служба која потплатувала свои соработници во Македонија, од кои дел го признале делото дека биле потплатувани, работеле по нивен налог и добивале и спроведувале нарачки од таа страна.
– Значи, тоа ништо не е важно, важно било само да се концентрираме на содржината и ништо друго. Тоа што државата била доведена во таква ситуација од странска разузнавачка служба, тоа што тој е нејзин експонент тоа не треба да го гледаме. Тоа што на некој начин е загрозена и приватноста на граѓаните никого не треба да го загрижува. Тоа се навистина искривени тези и мислам дека Заев се повеќе се чувствува дека е на тенок мраз, истакна премиерот Груевски.
